МАЛ ЦРН ЅИД

За употребата на темните бои во внатрешното уредување важеше правилото дека визуелно го намалуваат просторот и дека во одредени простории може да допринесат за зголемување на клаустрофобична атмосфера. Исто така, црната, за разлика од земјените бои, во ентериерот потешко се комбинира со останатите елементи и нејзиното адаптирање во стилски различни простории може да биде покомплицирано отколку што сте се надевале.

Сепак, ако не се заплашувате лесно со вакви клишеа, тогаш предизвикот "црн ѕид" можеби е следното нешто на вашата to do листа.

Драматичен модерен шик е резултатот кој сигурно ќе го добиете со овој избор.

Во зависност од големината на просторот, може да одлучите да го акцентирате најмалиот ѕид од просторијата или смело да затемните поголема површина. 
Црното ѕидно решение може да биде адекватно за различни типови на простории.

Модерна тинејџерска соба, работна просторија, акцентирање на еден дел од ходник, кујна или трпезарија се само неколку наши предлози, за идеално место на вашиот нов црн ѕид.

Убавината на одбраните парчиња мебел кои ќе се наоѓаат во близина на овој ѕид ќе биде истакната уште повеќе. Црниот ѕид е одлична позадина и за различни декоративни елементи, уметнички дела, врамени цртежи и мотивирачки цитати.

Црниот ѕид може да изгледа интересно и ако е украсен со самолепливи стикери во бела, златна или сребрена боја. Тие може да бидат долгорочен избор или само сезонска декорација.

Тој е одлична идеја за скандинавски уредените црно - бели простории со многу светлина.
Би било добро доколку може да се комбинира со светла боја на под, а исто така многу ќе му прилегаат и парчињата мебел од светло дрво.

SKARP

dagg. ѕидно решение

Bojana Jakimovska