ДЕКОРИРАНИ ПРОЗОРЦИ

Големите брендови одамна обрнуваат и големо внимание на уредувањето на излозите во своите продавници. Исто така, сѐ позабележани се и примерите на помалите, кои се свесни за влијанието на своето визуелно претставување и за изгледот на нивните прозорци, па во рамките на своите можности, внимателно ги декорираат.

И кај едните и кај другите, има многу инспиративни примери кои заслужуваат да бидат забележани и од обичните набљудувачи, а секако и од вљубениците во убавото.

Во малопродажниот сегмент тие се нарекуваат flagship продавници. Тоа се оние кои се наоѓаат на најдобрата проминентна локација, ги поседуваат најновите производи и специјално се уредуваат и се декорираат.

Кога зборуваме за декорирање, најдобрите примери можеби се наоѓаат на прочуените Елисејски полиња (Champs-Élysées) во Париз. Таму продавниците личат на мали музеи, секој во својата дејност. Декорирањето е подигнато на највисоко ниво. Тоа се концепти кои се развиваат од големи професионалци, со многу сериозни решенија и висок квалитет на изведбата.

Овие прозорци се пример за новата визуелна усогласеност на сите нивоа.
Раскошот од решенија варира, од минималистички концептуално осмислени, до визуелно богати сценографии, кои не ги оставаат рамнодушни ни најнезаинтересираните минувачи.

Bojana Jakimovska