СОВРЕМЕНИ ТАПЕТИ

Tапетите повторно се хит во уредувањето на ентериерот, како во домовите, така и во работните простории. Она што прво ќе ви падне на памет кога ќе го слушнете зборот „тапет" веројатно е нечија соба која ја паметите од осумдесеттите или сцена од американска ТВ серија од тоа време, но тапетите своите раскошни изданија ги имале дури и во уредувањето на замоците од XVII и XVIII век. Ако сте имале можност да погледнете некои вакви примери, сигурно сте забележале дека сите ѕидни површини во една просторија се облепени од горе до долу.

Денес, зборуваме за малку поинаков пристап. Современите тапети се користат често само за акцентирање на еден ѕид, бидејќи во спротивно постои голема веројатност просторијата визуелно да се намали и да делува клаустрофобично. Изборот на мотивите е исто така многу важен, па така доколку тапетот внимателно се одбере и умешно се искомбинира со останатите елементи во просторијата, може комплетно да го трансформира целиот амбиент.

Како дел од ентериерот, тапетот може значително да придонесе за доловување на некој посакуван стил. На пример, доколку го преферирате популарниот скандинавски, можете да размислите за некој модерен графички патерн во пастелни бои или црно-бела комбинација, која одлично ќе се вклопи во чисто и едноставно уредената просторија со многу светлина, бела боја и внимателно одбрани детали.

Тапетот изгледа многу атрактивно кога е во близина на некое дизајнерско парче мебел.  Затоа, доколку поседувате некој убав стол/фотелја или ламба, приближете ги и ќе се изненадите од нивното пријателство.

Bojana Jakimovska