СКАНДИНАВСКИ

Скандинавскиот стил се појавува во педесеттите години од минатиот век, како дел од современите движења на дизајнот во нордискиот регион ( Шведска, Данска, Финска, Исланд и Норвешка ). Приоретизирајќи ги функцијата и пристапноста, наспроти скапоценоста и луксузот, поставува база за правецот кој низ годините го минува своето рафинирање, а во последно време се чини дека добива нова современа димензија.

Денес, тој е омилен меѓу минималистите кои се фалат со познавањето на влијанијата на модерните движења.

Оваа естетика во голема мера е и одговор на кратките денови во долгите зимски периоди на нордискиот регион, кој природно наметнува потреба од повеќе светлина во ентериерот. Во желба за што поголемо количество дневна светлина ќе забележите дека големите прозорци се главна одлика на многу скандинавски простории, а во списокот за пазарење на Скандинавците ретко ќе ги најдете завесите.

Од друга страна, вештачкото осветлување зазема важно место во скандинавските концепти и често можат да се најдат многу убави дизајнерски парчиња во осветлувањето на просториите.

Главни обележја на секоја скандинавска комбинација:

1. Внимателно направен избор на бои. Најчесто смирени пастелни тонови, во комбинација со црна и бела;
2. Преферирање на природни материјали како дрво, мермер, камен и глина;
3. Фини текстури од памук, волна или лен;
4. Чисти форми;
5. Декоративни елементи со повторливи графички мотиви и дезени.

Доколку се препознавте во Declutter концептот на ослободување од непотребното, а притоа секогаш би одбрале светло наспроти темно, денес можете да најдете многу инспирација како тоа да го направите во скандинавски стил. Клучните зборови во секоја скандинавска комбинација се #функционалност #едноставност #минимализам #светлина и #чистота.

Bojana Jakimovska