КРИСТИЈАН БЕНИНИ

Интервју со Кристијан Бенини, основач и уметнички директор на Wall&decò, за враќањето на тапетите и нивната декоративна моќ, гледано од аспект на историјата на Wall&decò брендот. 

ВРАЌАЊЕТО НА ТАПЕТИТЕ
Ѕидниот декор доживува ренесанса: тапетите се повторно овде, посвежи од било кога.

H.O.M.E. По професија сте рекламен фотограф, а идејата за основање на Wall&decó ви се роди случајно. Како се случи тоа? 
C.B: Пред единаесет години, добив задача да фотографирам нова колекција ташни и дојдов до идеја да изготвам позадина со дезен од листови. Фотографирав големи листови, ги умножив и ги испечатив на платно. Дури отпосле го воочив декоративниот потенцијал на позадината. Му го покажав платното на еден познаник-архитект, многу му се допадна и ми предложи да го изложи во неговата продавница. Се’ тргна оттаму.

H.O.M.E. Се издвојуваат ли вашите колекции од традиционалните тапети? 
C.B: Успехот на нашиот бренд дојде прилично брзо, пред сe’ затоа што она што денес се смета за нормално, па дури и по малку банално, беше апсолутен новитет пред 11 години: наместо репетитивните дезени и геометриски форми типични за традиционалниот тапет, користевме макро-фотографии со силен ефект од различни материјали и текстури, во различни пропорции. 
 

1.jpg

H.O.M.E. Ги сметате ли вашите колекции за составен дел од дизајнот на ентериери? 
C.B: Уште од самиот почеток, не ги третирав нашите ѕидни решенија како обични тапети, туку како аксесоари кои би се користеле во опремувањето на просторот, со иста вредност како на пример, една софа или комода. Овој пристап се гледа не само во графичкиот развој на колекциите, туку и во начинот на кој се користат. Така, ја развивме колекцијата "Contemporary System" за ентериери, неткаени текстилни материјали и винилен финиш, и колекцијата "Out System" за екстериери, па дури и "Wet System" колекцијата, која нуди целосно водоотпорни ѕидни решенија, за влажни простории, како на пример бањи. 
 

Out System

Out System

H.O.M.E. Ѕидните декорации беа излезени од мода еден подолг период. Како го објаснувате нивното враќање? 
C.B: Сметам дека причината што тапетите се повторно модерни е природна: модата и дизајнот се циклични –  а понекогаш, за жал, и рециклирани. За среќа, со тапетите беше поинаку: се врати декоративното значење на тапетот, но во сосема поинаква средина и со нови техники на печатење – на пример, дигиталното печатење – што овозможи неколку иновативни декоративни можности. 

1 (1).jpg

H.O.M.E. Дали живееме во време кога декорирањето се поистоветува со нашиот концепт за совремието? 
C.B: Секако дека нашите домови и начинот на кој се облекуваме го отсликуваат современото општество – па и малку пошироко, нашиот концепт за тоа што е современо. На тој начин декорирањето добива легитимитет – а декорирањето на ѕидовите целосно подлежи на правилата на овој нов свет, поради неговата чисто декоративна и орнаментална функција.

H.O.M.E. Вие сте креативниот директор на компанијата. Како вашата професионална историја како фотограф влијае на дизајнот на колекциите? Дали сеуште цртате? 
C.B: Јас сеуште дизајнирам дел од колекцијата. Секогаш поаѓам од фотографијата како моја првична страст и професија. 

H.O.M.E. Уметници, илустратори, дизајнери и архитекти: соработувате со секакви креативци. Како ги бирате? 
C.B: Сакам да соработувам со уметници и дизајнери кои можат да интерпретираат хетерогени креативни искуства: од цртежи со јаглен до мурали, од печатење на платно до фотографија, од 3D графика до гравирање.
Се’ може да стане дезен за тапет, да создаде неочекувани визуелни ефекти.
H.O.M.E Постојат ли некои безвремени бои, форми, дезени? 
C.B: Според мене, црното и белото се безвременски. Интересно е да се види како црно-белата графика, доколку се интерпретира преку моменталните колоритни трендови, создава сосема различна атмосфера, во споредба со оригиналната. Верувам дека силата на ѕидната декорација повеќе лежи во досетливата примена на бојата отколку во формата.

H.O.M.E. Се повторуваат ли некои заблуди, и како може да се избегнат? 
C.B: Постои еден прилично распростанет тренд: веруваме дека ѕидната декорација е "засекогаш" - поради тоа честопати избираме меки и "безбедни" варијанти, не давајќи им шанса на храбрите бои и дезени кои повеќе би ни одговарале, затоа што се плашиме дека со време ќе почнат да не’ заморуваат. 

H.O.M.E. Како би го опишале добриот вкус на денешницата?
Дизајнот со години се карактеризираше со минимализам, кој со себе секогаш носи еден елемент на елеганција. Па така, беше лесно да се задржи добриот вкус, без притоа да се помине линијата на невкусното. Но денес, со враќањето на декоративните елементи, добриот вкус е потешко да се постигне во балансот помеѓу полното и празното, помеѓу бојата и недостигот од неа. Потешко е да се дојде до вистинските решенија, но штом се најдат, се создава еден свеж вид на елеганција.
Bojana Jakimovska